Подметнат пожар на автомобилот на командирот на чуварската служба во КПУ Идризово

Утрото, нешто пред два часот по полноќ, бил запален автомобилот на командирот на ноќната смена на затворската чуварска служба во Идризово.

„Во СВР Скопје било пријавено дека во кругот на затворот „Идризово“ на паркингот позади управната зграда, било опожарено патничко моторно возило “фиат пунто“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на вработен во затворот. Пожарот бил локализиран од страна на пожарникарите и сопственикот, кој при гаснење на пожарот бил повреден. МВР презема мерки за расчистување на случајот.“ – велат од МВР.

МВР без детали и велат дека истрагата допрва ќе треба да даде одговори што точно се случило и кој го подметнал пожарот.

Палењето на автомобилот на командириот следува откако завчера специјалната полиција во координирана акција со крим-техничари и затворски чувари изврши претрес во 25 ќелии при што беа најдени дрога, телефони, оружје и сума на пари повеќе од дозволеното.

Министерот за правда Тупанчески на прес конференција изјави дека никој нема да биде поштеден од одговорност поради ваквата состојба во затворот „Идризово“.

Тупанчески и директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски имале средба со директорите на сите затвори во Македонија на која било констатирано дека најголеми проблеми во затворите се преоптовареност, немање соодветна здравствена заштита за затворениците и недостаток на соодветен кадар.