Поднесена е кривична пријава за возачот кој го пренесе Палевски од Белград до Турција

Полицијата поднесе кривична пријава по брза постапка против возачот кој го пренесе Љупчо Палевски од Белград до Турција поради случајот со двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.

Од Министерството за внатрешни работи  велат дека постојат основи на сомневање дека С.Д., кого медиумите го идентификуваа како скопјанецот Стефан Димковски кој живее во Струмица и близока на првоосомниечниот Љупчо Палевски Палчо,  сторил кривично дело помагање.

Тој се сомничи дека од 1-ви до 3-ти декември со автомобил „ленд ровер“, со струмички регистарски ознаки, сопственост на струмичка фирма, го зел Палевски од Белград и го однел во Турција, со цел да му помогне да избега и да се сокрие од органите за прогон.

Како што изјави на вонредната прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Палевски бил возен во Белград со „шкода суберб“ и оставен во хотел, а  потоа со „ленд ровер“ преку Бугарија е пренесен во Турција во градот Баликешир.

Возачот кој заврши во притвор, негира вина за случајот.

„Основаното сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело произлегува од досега прибавените докази од Бирото за јавна безбедност, Сектор за меѓународна полициска соработка доставено до СВР Скопје во кое е наведено дека лице осомничено дека сторило кривично дело, по кое сега е распишана меѓународна потерница, на 02.12.2023 година било регистрирано на граничните премини во Р.Бугарија и тоа со влез во Р.Бугарија на ГП Калотина и излез од Р.Бугарија на ГП Капитан Андреево (кон Р.Турција)“, беше објавено во средата од Основнот јавно обвинителство во врска со возачот на Палевски.