Поднесено обвинение против напаѓачот на Милевски

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против В.П., кој е обвинет дека го нападнал и претепал пратеникот и лидер на партијата ЛДП, Горан Милевски, информираат од обвинителството.

– Предлогот се однесува за лице за сторено кривично дело Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. На 25 март годинава, обвинетиот на плоштадот Македонија физички нападна пратеник на Собранието на Република Македонија. Идентитетот на обвинетиот беше утврден  по јавување на граѓани откако по налог на Основното јавно обвинителство Скопје беше објавена неговата фотографија од страна на МВР.Ценејќи дека се исполнети законските основи заедно со обвинението до судот е доставен и предлог за определување на мерката притвор за обвинетото лице- велат од ОЈО.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вчера изјави дека е приведен напаѓачот, кој и порано и бил познат на полицијата како извршител на разни кривични дела.

Тој изрази благодарност до сите граѓани кои доставиле информации и податоци за лицето на фотографијата, која беше објавена во јавноста, и кое се поврзуваше со нападот на Милески.