Подобрување на бизнис климата во Маврово и Ростуше

Вицепремиерот Владимир Пешевски денеска оствари работна посета на општина Маврово и Ростуше каде одржа средба со стопанственици од тој регион. За време на средбата, на која присуствуваше и градоначалникот на општината, Мукрем Мехмеди, се дискутираше за условите за водење бизнис во регионот како и можностите за подобрување и унапредување на бизнис климата.

Стопанствениците изразија задоволство од досегашната соработка со Владата и локалната самоуправа и ги поздравија мерките и чекорите кои оваа Влада ги презема во изминатиот период за континуирано подобрување на бизнис климата и условите за водење бизнис.

„Денешната средба претставува мал дел од севкупните активности кои Владата ги спроведува за одржување на непречена комуникација и континуиран дијалог со бизнис заедницата.Владата на Република Македонија е особено фокусирана на олеснување на условите за делување на стопанствениците. Директните средби, од овој тип се особено важни за нас, со цел да ги слушнеме нивните сугестии и предлози, но во исто време и имаат за цел да им овозможат на претставниците на компаниите директно и детално да се запознаат со плановите и стратегиите на Владата поврзани за унапредување на бизнис климата.Од она што беше дискутирано, јасно е дека стопанствениците од овој регион се заинтересирани и понатаму да продолжиме со истите политики насочени кон развој на приватниот сектор. Тоа секако ја вклучува и досегашната поволна даночна политика на државата која овозможува реализација на развојните планови и инвестиции од страна на компаниите. Нивните сугестии директно влијаат во креирањето на економските политики во земјава,“ изјави Пешевски.

Пешевски понатаму се запозна со предизвиците со кои се соочуваат компаниите од овој регион, како и со нивните сугестии за надминување на истите. Тој им ги посочи и можностите кои ги нуди Владата преку програмата за покривање на трошоците за ангажирање на менаџери со специфични знаења кои можат да им бидат од голема помош на компаниите.

„Ова претставува дополнителен стимул за унапредување на веќе постоечките компании, што е од особена важност за нас како Влада, земајќи во предвид дека повеќето од стопанствениците кои беа присутни денес на средбата, се повратници од странство, кои имаат желба и понатаму да инвестираат во сопствената земја. Наша должност е да им го олесниме тој процес,“ додаде Пешевски.