Рудата од „Боров дол“ ќе почне да пристигнува во 2020 година, а годинава треба да биде изградена подвижната лента од „Боров дол“ до рудникот „Бучим“ и да завршат градежните активности.
Подготовките на рудното тело, изградбата на подвижната лента и градежните активности ќе чинат околу 53 милиони евра.
Ова денеска им го пренел директорот на рудникот „Бучим“, Николајчо Николов, на рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, трговскиот советник во руската Амбасада, Владимир Хрисанфов, претседателот на Македонско-руската стопанска комора, Ѓорѓи Дика и извршниот директор на Комората, Дејан Бешлиев.
Рудата, која од „Боров дол“ ќе пристигнува на подвижна трака во должина од околу седум километри, ќе се преработува со постојна флотација, а јаловината ќе се депонира во постојното хидро јаловиште. Новото рудно тело „Боров дол“ се простира на територија на општините Конче, Штип и сосема мал дел е на Радовиш, а со стартот на експлоатацијата, овие општини ќе добиваат надомест од концесијата, која рудникот и ја плаќа на државата.
„Бучим“, која е членка на Македонско-руската стопанска комора, ја доби дозволата за експлоатација на руда од новото рудно тело „Боров дол“. Во „Бучим“ работат 700 лица, а просечната плата во компанијата е 555 евра. Но, според раководството на компанијата, сепак, недостигаат рудари и стручни работници.
Од рудникот очекуваат дека со изградбата на гасификационата мрежа ќе се намалат нивните трошоци. Според градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов, очекувањата се дека гасоводната мрежа ќе биде готова до 2020 година, а прикучокот на „Бучим“ ќе се реализира во 2021 година.