Поевтини парното, сметките на граѓаните ќе бидат пониски за околу 150 денари

Сметките за парно греење за август како и за сите наредни, ќе бидат пониски, соопшти денеска Регулаторна комисија за енергетика. Приклучените на БЕГ ќе добиваат фактури пониски за 6 проценти, приклучените на системот Скопје Север за 12 отсто, а ЕЛЕМ енергетика за 5%. Станува збор за донесен нов ценовник донесен од страна на РКЕ кој во сила стапува од утре. Односно, во просек, досегашната сметка од 2.000 денари, ќе биде пониска за околу 150 денари.

Ова се должи на намалувањето на данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто.

Одлуките за утврдување на цените за топлинска енергија на трите компании кои работат во Град Скопје се донесени на денешната седница на регулаторот. Бислимовски појасни дека поради зголемената цена на природен гас од 20,4 проценти во 2019 споредено со 2018 година, вкупните трошоци за набавка на енергенсот на БЕГ-производство се зголемени за 24 проценти или 2,6 милиони евра.

-Овие зголемени трошоци делумно ги амортизиравме со тоа што прв пат со нашите одлуки предвидуваме ТЕТО АД Скопје како когенеративна постројка да продава топлинска енергија што е за 15 проценти пониска од цената на БЕГ производство. Влијанието на исклучените потрошувачи изнесува 7 проценти или 1,8 милиони евра. Оваа година влијанието ќе биде 4 проценти, односно околу 1 милион евра, а следната ќе биде 3 проценти или околу 800.000 евра. Благодарејќи на иницијативата што ја поведе РКЕ при носењето на новите правила за снабдување со топлинска енергија која беше прифатена од Владата, со што се намали ДДВ-то за топлинска енергија од 18 на 5 проценти, се доведовме во ситуација да се намалат вкупните трошоци на потрошувачите на БЕГ за топлинска енерхоија од 1 август, за 6 проценти, рече Бислимовски.

Кај потрошувачите приклучени на Енергетика во Општина Гази Баба, а тоа се во населбата Железара и делумно Маџари, вкупниот трошок за топлинска енергија се намалува за 13,5 проценти. При тоа, фиксниот надометок за овие потрошувачи е намален за 30 проценти.

За Скопје Север, каде на мрежата се приклучени околу 460 потрошувачи, цената на парното е намалена за 12 проценти. Со оглед дека станува збор за многу мал број потрошувачи, од Регулаторната комисија предлагаат овие потрошувачи да се вклучат во системот на ЕЛЕМ Енергетика или на системот на БЕГ, затоа што актуелниот снабдувач се соочува со проблем за покривање на трошоците за набавка на природен гас.

-Со ова намалување на цените за топлинска енергија на територијата на Град Скопје кои што во изминатиот период никогаш не биле толку намалени, даваме поттик што е можно поголем број потрошувачи да се приклучуваат на овој систем за греење, а исто така веруваме дека со овие цени ќе ги привлечеме и веќе исклучените потрошувачи повтотно да се приклучат на централниот систем за греење во Скопје, рече Бислимовски.

Според анализите на сметките, тој додаде дека нема поевтино греење од топлинската енергија и апелира што е можно повеќе потрошувачи да се приклучат на централениот систем на греење, со што ќе се намалат фиксните трошоци на компаниите и ќе има поголемо намалување на ценатата на топлинската енергија. По согледувањата дека многу нови згради не се приклучуваат на централниот систем на греење, туку поставуваат котлиња кои користат струја, што е најскап и неефикасен, Бислимовски најави дека во врска со ова РКЕ во следниот период ќе предложи во новиот закон за градба кој е во фаза на донесување, точно да се знае во кои делови од Скопје на кој начин ќе се греат граѓаните.

-Неприфатливо е од згради кои се на 200-300 метри од топланите да се греат на електрична енергија, рече Бислимовски.