Од денеска, граѓаните во аптеките ќе можат да купуваат певтини лекови, како дел од системската мерка на Владата која што се спроведува веќе трета година.
Со новата петта корекција на цените опфатени се 352 лекови во аптеките кои не се набавуваат на рецепт, но и од болничките листи.
Според министерот за здравство, Никола Тодоров, цените на лековите во просек се намалени за 18,42 отсто.
Согласно здравствени реформи, предвидено е двапати годишно да се намалува цената на лековите, еднаш во март и еднаш во октомври, преку споредба со цените на лековите во 12 референтни земји.
„Оваа реформа има цел за поголема достапност на лековите за граѓаните, и на оние кои се користат за болничка употреба. Се намалуваат 218 генерички и 134 оригинатори и иновативни лекови. Генеричките лекови, во просек се намалени за 18, 42 отсто“, истакна Тодоров.
Најголемо намалување од 64 отсто има некои од лековите за карцином. Цените на оригинатори и иновативни лекови во просек се намалени околу 6,44 отсто. Тука спаѓаат лекови за Паркинсова болет, за зголемен крвен пртисок, за анемија. Годината заштеда за овие лекови е над еден милион евра.
Проценетата заштеда кај генеричките лекови, на годишно ниво според Тодоров е повеќе од два милиони евра.
Заклучно со новото петто намалување на цените на лековите, досега се опфатени повеќе од 3.000 лекови , со што е направена заштеда во здравствениот систем од 30 милиони евра, посочи министерот Тодоров и најави дека оваа политика ќе се спроведува и во иднина.