Погодени воени цели на западот на Украина, Киев тврди дека соборил 29 од 35 дронови

Руската војска во воздушните удари погодила во понеделникот утрото воена цел во западниот украински регион Хмељницки каде што на почетокот од месецот наводно бил погоден команден центар со повеќе домашни команданти и странски инструктори, соопштија регионалните власти, додека украинското воено воздухопловство објави дека урнало 29 од 35 дронови лансирани од руските сили.

Русија често изведува напади со проектили и беспилотни летала ширум Украина од почетокот на својата инвазија. Украинските функционери често не признаваат дека се нападнати воени цели, забележува агенцијата Reuters.

„Моментално продолжуваат работите на ставање под контрола на пожарот во магацините со горива, масла и муниција“, објави на Telegram кабинетот на гувернерот на регионот Хмељницки.

Во објавата се додава дека во тек се и активностите на обновување на пистата, но не се дадени други поединости за погоденото место или повеќе места. Во Хмељницки пред војната беше лоциран голем воен аеродром.

Украинското воздухопловство соопшти во понеделникот дека во текот на изминатата ноќ собориле 29 од 35 руски дронови, како и 37 од 40 крстосувачки ракети. Русија ги гаѓала воените постројки и критичната инфраструктура, се наведува на Telegram каналот на украинското воено воздухопловство.

Во претходните извештаи украинската војска наведе дека нападот на руско беспилотно летало во текот на ноќта оштетил дел од инфраструктурата во црноморското пристаниште Одеса, по што избувнал пожар кој брзо бил изгаснат. Војската не прецизираше дали штетата во пристаништето го загрозило извозот на житарките.

Русија рано во понеделникот покренала бран воздушни напади со беспилотни летала и крстосувачки проектили на разни цели, вклучително и во украинската престолнина Киев, а воената управа на градот соопшти дека противвоздушните сили собориле 40 цели.