Поголема транспарентност на јавните набавки и заштеди во буџетот

Зголемена конкурентност и транспарентност, како и заштеди во буџетот се предвидени со новите измени и дополнувања на Законот за јавни набавки кои се донесени на последната владина седница.

Премиерот Никола Груевски истакна дека измените се донесени врз основа на на досегашните искуства и детектирани слабости.

„Со измените се дава обврска на секој оној кој објавува јавен тендер да мора да внимава на тој јавен тендер да може да се квалификуваат не само најмалку 5 компании, туку најмалку пет домашни и најмалку пет странски компании, доколку ги има, затоа што постојат производи за кои има само два три производители во светот и тоа ќе го цени Советот за јавни набавки во случај кога има помалку од овој број на понудувачи. На некој начин се врши притисок врз институциите со овој Закон да го зголемат обемот на конкурентност, да дадат можност да конкурираат поголем број компнании, вклучувајќи и домашни компании,  да не дојде до ситуација до нивно исклучување“, нагласи Груевски.

Со измените, посочи премиерот се допрецизираат можностите на Советот за јавни набавки преку кое се планира остварување на дополнителни заштеди во буџетот.

„Колку е поголема конкурентноста, колку повеќе компании доаѓаат да се натпреваруваат преку електронското јавно наддавање, толку поголема е шансата цената да падне“, посочи Груевски.

Во делот на набавка на авио билети се воведуваат измени кои дополнително ја олеснуваат работата и дополнително се внесуваат работи со интернет нбавување на авионски карти во правец на нивно поевтино и побрзо набавување кое е прецизно одредено во Законот.

Со Законот одредени јавни набавки кои не биле во режимот на електорнско јавно наддавање се ставаат на истото.