Покрај британскиот во Македонија кружи и чешкиот сој на коронавирусот

Покрај британскиот во Македонија кружи и чешкиот сој на коронавирусот, потврдуваат од Институтот за јавно здравје.

Во однос на тоа дали во земјава веќе е детектирано присуство на бразилскиот и на јужноафриканскиот сој на коронавирусот од ИЈЗ велат дека нивната лабораторија досега не го открила присуството на овие соеви.

– Во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ засега со секвенционирање се потврдени само британскиот и чешкиот сој на вирусот. ИЈЗ нема податок дека во Македонија е детектирано присуство на бразилски или јужноафрикански сој на коронавирусот – додаваат од Институтот за јавно здравје.

Во Македонија не е правено испитување за присуство на антитела кај здравствените работници кои веќе се вакцинираа со првата доза од вакцината на „Фајзер“, велат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

– Вакви истражувања се прават најмалку две недели после комплетирање на имунизацијата со две дози или колку што пропишува производителот, а вакцините кои досега се употребени во Македонија предвидуваат комплетирање на вакцинацијата со две дози. Стварање на заштитни антитела започнува најмалку две недели после примање на првата доза вакцина. Кај нас, само што стартуваше процесот на вакцинација со втората доза (пред 2 дена) – одговорија од ИЈЗ.

Д-р Никола Пановски, пак, пред неколку дена изјави дека се фасцинантни резултатите по примањето на вакцината „Фајзер“.

– Вакциниран сум со „Фајзер“ и моите колеги се вакцинирани со таа вакцина. Фасцинантни се резултатите на тие што ја примија првата доза. Антителата се многу високи. По 21 ден, на стотици вакцинирани антителата беа многу високи, со антитела над 100 – рече Пановски.

Заклучно со 22 март вкупно се вакцинирани 6.704 здравствени работници од кои со прва доза од „Фајзер“ 4.002, со вакцината на Спутник V – 2.702 работници, и 2.572 примиле втора доза од „Фајзер“.