Покрената истрага против Иљаз Муареми, нарко дилерот од Грчец, кој вчера беше уапсен

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по вчерашното лишување од слобода во с. Грчец на првоосомничениот од предметот „Планина“ ќе ја продолжи истражната постапка против него. Тој по наредба на обвинителството се бараше со национална и меѓународна потерница од 2021 година заради постоење на основано сомнение дека како главен организатор сторил кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, предвидено и казниво по член 215 став 3 вв став 1 од Кривичниот Законик.

Истражната постапка за предметот „Планина“ беше отворена во март 2021 година против 28 лица, од кои и против едно дете во судир со законот над 16 години. Бидејќи се работеше за две криминални групи што се занимавале со неовластена продажба на наркотична дрога беа донесени две Наредби за спроведување на истражна постапка. Во тогаш спроведените акции на територијата на село Грчец и населбата Гази Баба беа лишени од слобода 22 лица, а петмина меѓу кои и првоосомничениот беа во бегство.

Во меѓувреме, односно во септември 2021 година и во текот на 2022 година три лица од осомничените лица недостапни на органите на прогонот се лишени од слобода и истражната постапка против нив продолжи.