Полесно се повредени пет работници во превртениот автобус во Битола

Пет лица се полесно повредени и се надвор од животна опасност во сообраќајната несреќа во која автобус полн со работници од фабриката „Кромберг и Шуберт“  рано утрово се излизга и се преверте во ендек во близина на индустриската зона Жабени кај Битола. Според информации на Телма, четворица од повредените се работници, а петтиот  е возачот на автобусот. Од битолската  болница потврдија дека петмина  од  превртениот автубус биле пренесени во оваа здравствена установа, но нема  хоспиталзирани, затоа што биле констатирани само лесни повреди и се пуштени дома.  Несреќата се случи утрово во 6 часот и 30 минути, а автобусот ги превезувал работниците  кон Битола, по звршувањето на третата смена.

Полицијата изврши увид на местото на настанот, по што треба да се утврдат причините за несреќата. Инаку овој патен правец кон граничниот премин Меџитлија е во исклучително лоша сосотојба, со ударни дупки и одамна не е реконструиран, а возењето утрово беше дополнително отежнато поради врнежливото  време  и лизгавиот коловоз. Сепак истрагата треба да утврди како се случила сообраќајната незгода, зошто автобусот премин  на спротивната коловозна лента и се преврте  веднаш покрај патот.