Полицајци од Кипар пристигнаа на преминот Еврос да им помогнат на грчките колеги на границата со Турција

Со воен авион C130, доцна синоќа во Грција пристигна 21 полицаец од Кипар, за да помогнат во заштита на границата кај Еврос, по вчерашниот телефонски разговор меѓу грчкиот премиер и кипарскиот претседател, јави дописничката на МИА од Атина.

Според кипарските медиуми, станува збор за 16 лица од полицијата и пет од службата за миграција на Фронтекс, а министерот за правда и јавен ред на Кипар, Јоргос Савидис, од аеродромот во Ларнака, кусо пред полицајците за заминат за Грција, рече дека станува збор „за очекуван одговор од Кипар во големиот проблем со кој што се соочува Грција“.

-Штом на претседателот на државата му беше изразена потребата што ја има земјата, веднаш даде наредба да се подготви единица од избрани припадници на полицијата. За само неколку часа се подготви и со воен авион замина за Александруполи за да помогне во чување на границите на Грција и чувањето на границите на Европа, рекол Савидис, според кипарската новинска агенција.

Портпаролот на владата на Кипар, Кирјакос Кусиос, говорејќи за кипарската телевизија „Сигма“, рече дека и тие се на мета на мигрантските бранови и бара од ЕУ учество за справување со конкретното прашање и не можеле да „останат апатични“ и да не им помогнат на Грција и Европа.

-Не можеме да бараме помош, ако не понудиме. Кипар беше, е и ќе биде подготвен да помогне на границите на Европа и Еврос е граница на Европа. Самата Европа е под закана и е под уцена од Турција. Не можевме да останеме апатични. Требаше да ѝ помогнеме на Грција. Требаше да ѝ помогнеме на Европа, како што и ние бараме Европската унија да ни помогне во проблемите со кои што се соочуваме“, рече портпаролот на кипарската Влада.

Помошта од Кипар за Грција доаѓа по вчерашниот телефонски разговор на премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис со кипарскиот претседател Никос Анастасиадис .

-Во телефонскиот разговор што го имав денеска со премиерот на Грција, информирав дека Кипар е подготвен да испрати безбедносни сили за заштита на границите на Грција, што истовремено се и граници на Европа. Предлогот беше прифатен, напиша вчера претседателот на Кипар на неговиот официјален „Твитер“ профил.