Полицијата ги бара администраторите на затворената група со разголените фотографии на малолетничките, повик до родителите да пријават

Бирото за јавна безбедност од синоќа, по откривањето во јавноста, покрена истрага, во која се очекува да се откријат администраторите и членовите на затворената група „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, каде се објавувани интимни фотографии и видеа на малолетни девојчиња од повеќе македонски градови.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски рече дека оваа група е новоформирана и за кратко успеала да дојде до голем број на членови.

-Од Бирото за јавна безбедност покрената е истрага. Излезено е Јавното обвинителство за наоѓање на администраторите и членовите на оваа група. Во исто време сакам да апелирам до сите нас, до родителите, образовните институции за поголем надзор врз децата и навремено да се реагира и во семјствата и во улиштата, рече Спасовски, кој додаде дека и порано имало вакви случаи што се расчистувале.

До сега нема ниедна пријава од родители на девојчињата за злоупотреба, потврди дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкриељ.

– Се координираме со МВР и со МОН. Упатувам апел до сите родители  чии девојчи се изложени,  да се обратат до Центрите за социјална работа, кои во соработка со МВР ќе постапуваат. Со МОН веќе договоривме стручните служби во училиштата да преземат мерки, рече Шкриељ.