Полицијата со засилени контроли за спроведувањето на мерките против коронавирусот

Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска соопшти дека формира Кординативно тело за спроведување на мерките поврзани со состојбата со Ковид 19.

МВР ги презема сите мерки и активности со цел заштита на граѓаните, а за сите преземени мерки ќе ја информира јавноста преку Одделот за односи со јавност, во координација со другите институции.

Како што се наведува во соопштението, полициските службеници вршат и ќе вршат засилени контроли во врска со спроведувањето на мерките што ги презема Владата со цел справување со проблемот со Ковид 19.

-Апелираме до сите граѓани да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречување на ширењето на корона вирусот. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик, се наведува во соопштението.

МВР, како што се потенцира, презема соодветни мерки и активности и за заштита на своите вработени преку набавка на средства за дезинфекција, заштитни ракавици и други средства за сите полициски службеници.

-Вработените во МВР да ги редуцираат контактите со странките во делот на постапки и услуги кои не се итни и кои не се ограничени со рокови. Секогаш кога е тоа возможно да се користи електронска комуникација, а при директна комуникација со странки да се користи соодветна заштита односно да се почитуваат препораките на Министерството за здравство, се посочува во соопштението.

Во постапка е отварање на телефонска линија на која граѓаните ќе добиваат информации за услугите на МВР, со цел да се одбегне доаѓањето во институцијата доколку тоа не е неопходно и за тоа соодветно ќе ја информираме јавноста.