Полицијата влезе во Дојран по информациите за фалсификувани сертификати

Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција и СВР Струмица- ОВР Гевгелија во текот на вчерашниот ден по претходно добиена судска наредба од Основен суд Гевгелија, извршија претреси на три локации поради основано сомнение за сторено кривично дело, а во врска со наводите за фалсификување сертификати во казино во Дојран.

-Извршени се претреси кај три правни лица, при што е одземена службена медицинска документација која се однесува на извршени тестирања за присуство на Ковид 19, извршени претежно на лица од странство, одземен е електронски дневни (книга) на издадени сертификати за периодот од 19.12.2021 до денот на претресот, а исто така извршени се службени разговори со две лица. При претресот извршен е увид и преглед во компјутерската евиденција (списоци на грчки државјани кои се пријавиле за тестирање) на правното лице, како и во просториите на „импровизираниот“ медицински пункт во казино во Стар Дојран, информира МВР.

По насоки на јавен обвинител целокупната одземена документација ќе биде доставена до ОЈО Гевгелија за нивно постапување, а МВР ќе ги преземе сите мерки и активности за кои ќе добие насоки од надлежното обвинителство со цел расчистување на случајот.