Полицијата во БиХ откри два нелегални кампа на вооружени мигранти

Граничните полицајци и припадниците на Државната агенција за истраги и заштита (SIPA) на Босна и Херцеговина пронашле два кампа на илегални мигранти кои имале оружје и муниција долж границата на земјата со Хрватска, потврдено е во петокот во седиштето на SIPA во Источно Сараево.

Како што се наведува во соопштението, претресот на теренот во месноста Доњи Свилај кај Сава, во чија близина се наоѓа и граничниот премин, е извршен ноќта меѓу четвртокот и петокот.

„Полициските службеници пронашле голем број лица од мигрантската популација во два импровизирани кампа, во кои пронашле одредено количествво огнено оружје и муниција“, се вели во соопштението.

Како што се наведува, мигрантите биле следени или приведени, а за сѐ било информирано Обвинителството на БиХ кое ќе ја преземе истрагата за овој случај.

Од SIPA наведуваат и дека полицијата ќе продолжи со утврдување на фактите на терен.

Босна и Херцеговина од почетокот на годинава се соочува со зголемен прилив на илегални мигранти, а најголемиот број се обидуваат да го продолжат патот кон Хрватска преку Унско-санската жупанија, но некои од нив се обидуваат да го сторат тоа и преку реката Сава.