Кордони со полиција и во четвртокот вечерта се поставени пред домовите на пратениците од владејачката СДСМ кои ден претходно гласаа за Законот за јазици, кој огромен дел од македонската јавност го доживува како вовед во двојазичност и тивка федерализација на земјата кој е донесен насилно во парламентот
Како што пренесува порталот Република, повикувајќи се на информации од теренот, полициското присуство е дополнително засилено од изминатата ноќ, а полицијата вечерва го обезбедува и седиштето на СДСМ во Скопје, како и штабовите на партијата низ градовите.
Информациите засега не може официјано да се потврдат. Од Република се обиделе да стапат во контакт со портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, но тој ги одбил телефонските повици на порталот.
Во исто време, пратеникот од владејачката партија Ферид Мухиќ изјави дека заедно со другите колеги од СДСМ се договориле денеска да се кријат дома и да не ја иритираат јавноста.
„Со колегите пратеници се договоривме да седиме дома. Нема да побарам заштита, предраматично е да се размслува и да се зборува за ова. Најлошо е што може да има сериозни елементи, за кои треба да се размисли. Немав заштита изминатата вечер, но се договоривме да не се движиме многу во јавност, за да не иритираме“, изјави Мухиќ.
Атмосферата на социјалните мрежи е вжештена и граѓаните постојано го искажуваат своето незадоволство од законот и според нив насилничкиот начин на кој беше донесен овој закон.
Синоќа се случи и помал инцидент, кога некој го запалил автомобилот на пратеничката на СДСМ од Виница која гласаше за законот а во исто време, од МВР информираат, дека денеска имало неколку напади од незадоволни граѓани врз партиски функционери на СДСМ, пишува Република.
Ваквата тензична атмосфера, која се подигнува со засиленото полициско присуство, според безбедносните експерти е начин на дефокусирање на јавноста од штетниот закон кој вчера го изгласа власта.