Полицијата ќе го ослободи осомничениот за убиството на бугарската новинарка

Романскиот државјанин од украинско потекло, кого полицијата го приведе во рамките на истрагата за бруталното убиство на истражувачката новинарка Викторија Маринова, чиешто тело пред четири дена беше пронајдено во нејзиниот роден град Русе, ќе биде пуштен на слобода, соопшти во вторникот полицијата.

„Нашата работа продолжува. Засега немаме факти и околности коишто можеме да ги објавиме. Романскиот државјанин ќе биде пуштен“, изјави за медиумите Теодор Атанасов, началник на регионалната полиција во Русе, на северот од Бугарија, на Дунав на самата граница со Романија.

На состанокот кој траел повеќе од пет часа во регионалната дирекција на бугарското министерство за внатрешни работи во Русе, присуствувала и портпаролката на државниот обвинител,. Румјана Арнаудова, од која новинарите очекувале да го одржи брифингот. Сепак, таа не се обратила, а медиумите известуваат дека во среда треба да биде појаснето со какви докази и против кого има истрагата.

Осомничениот Украинец со романски пасош живеел како скитник, а бил задржан во полицијатасѐ додека полицијата не го проверила неговото алиби.

Телото на триесетгодишната новинарка Викторија Маринова беше пронајдено во саботата недалеку од реката во градскиот парк на нејзиниот роден град Русе на Дунав во северна Бугарија. Обвинителството објави дека била силувана, претепана и задавена.

Бугарскиот министер за внатрешни работи Младен Маринов, кој отпатува во Русе за лично да ја надгледува истрагата во понеделникот, изјави дека засега нема докази дека убиството е поврзано со нејзината новинараска работа.

Меѓутоа, медиумите се насочија на нејзината неодамнешна работа. Имено, во својата последна телевизиска емисија од 30-ти септември, Маринова се занимавала со новинарите кои го истражувале наводниот случај на корупција поврзан со користење на фондовите од ЕУ. Вети дека нејзината од неодамна покрената емисија ќе направи повеќе и ќе спроведе своја истрага. Маринова, која има 7-годишна ќерка, била вклучена во истрагата на група бугарски новинари за инфраструктурни проекти коишто ги финансира ЕУ, а со коишто управувале локални власти.

Маринова е третиот новинар убиен во земја членка на Европската унија во последните дванаесет месеци. Дафне Каруана Галиција, истражувачка новинарка од Малта, е убиен кога бомба го разнесе нејзиниот автомобил во октомври минатата година, а словачкиот новинар Јан Куциак и неговата вереница беа егзекутирани од огнено оружје во февруари годинава. Сите работеле на теми поврзани со слуачи на корупција на властите.

Маринова, мајка на седумгодишно девојче, работеше за телевизијата TVN од Русе на којашто се емитуваше нејзината емисија „Детектор“. Меѓународната организација Репортери без граници соопшти дека и другите новинари од TVN би требало да добијат полициска заштита во текот на истрагата. Комитетот за заштита на новинарите наведува дека е „шокиран од ова варварско убиство“.

Бугарија е на 111-то место меѓу 180-те земји на годинешниот индекс на слободата на медиумите во светот коешто го составуваат Репортери без граници (Reporters Sans Frontières – RSF), што претставува најниското место коешто го зазема една земја членка на Европската унија и пониско од која и да е друга земја од регионот на западен Балкан, од кои некои се кандидатки за членство во ЕУ.