Во два одделни случаи, македонската полиција спречи обид за шверц на вкупно 20 мигранти.
Едниот бил откриен синоќа околу 23 часот во близина на гевгелиското село Милетково. Патрола од полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Богородица“ сопрела комбе Фиат Дукато со бугарски регистрации управувано од 28-годишен струмичанец. При контролата, во возилото полицајците пронашле 15 мигранти од кои осум од Сирија, пет од Пакистан и двајца од Ирак. Мигрантите биле задржани во полициската станица, а возачот бил приведен.
Во вториот случај полицијата открила пет мигранти. Настанот бил регистриран вчера утрото кога за влез во Македонија на преминот кај Стар Дојран било пријавено товарно моторно возило Ивеко управувано од 37-годишен маж од Кратово.
Возилото било задржано бидејќи имало поголема оптовареност од вкупната тежина, по што полицајците забележале како непознати лица излекуваат од приколката и се упатуваат кон грчката граница.
Откако биле приведени, надлежните утврдиле дека станува збор за две возрасни лица и три малолетници на возраст од 12, 14 и 16 години. Сите биле од Авганистан освен еден кој бил од Бангладеш.
Според нивното кажување во возилото се качиле во Р.Турција. Тие биле предадени во Привремениот транзитен центар во Гевгелија.