Полицијата синоќа од два угостителски објекти во Гостиварско и Тетовско привела 17 странски државјанки и еден сопственик на локал.
Според СВР Тетово, синоќа и изутрината полициски службеници извршиле акциска контрола во угостителски објект, лоциран на регионалниот пат Тетово-Фалише, сопственост на А.З. (50) од Тетово.
Во објектот биле затекнати 16 странски државјанки, кои работеле како танчерки и пејачки. Од нив 14 биле од Република Албанија, една од Република Србија и една од Република Косово, кои биле на возраст од 18 години до 33 години. Странските државјанки, како и сопственикот А.З. биле приведени во полициската станица во Тетово за понатамошна постапка, велат од СВР Тетово.
Во истиот период од 23:00 до 3:00 часот контрола била извршена и во угостителски објект во селото Чегране (Гостиварско), сопственост на А.Д. (51). Во објектот биле затекнати шест женски лица. Пет од нив биле македонски и една албанска државјанка. За нив е утврдено дека работеле како пејачки и танчерки. По акцијата, заедно со сопственикот биле приведени во полициска станица за понатамошна постапка.
Изминатиов месец на поширокото полошко подрачје откриени се близу сто странски државјанки, кои го злоупотребиле туристичкиот престој и спротивно на целта и нелегално работеле како пејачки, танчерки, келнерки или друг угостителски персонал.
Речиси сите странски државјанки, депортирани се во нивните матични земји, откако претходно биле изведени пред судија за прекршоци, кој им изрекол парични казни и времени мерки-забранет влез во Република Македонија од една година