Полициска потрага по мајмунот кој нападна 10 луѓе во Јапонија

Јапонската полиција трага по див мајмун кој во претходните 11 дена нападна 10 луѓе.
Нападите почнаа на 8 јули во областа Огори во префектурата Јамагучи во југозападниот дел на земјата, а во најсериозниот инцидент, едно бебе беше тешко изгребано кога упадна во куќа, објави Гардијан.

– Ја чистев куќата со правосмукалка кога слушнав како моето дете плаче, па брзо се свртев и видов дека мајмунот ја фатил за нозете додека си играла на подот. Изгледаше како да сака да ја извлече – изјавила мајката за локалните медиуми.

Минатиот викенд мајмунот ја отворил вратата од стан на прв кат од зграда и ја изгребал ногата на четиригодишно девојче, по што нападнал луѓе во околината, јави агенцијата Кјодо.

Очевидци велат дека мајмунот е висок од 40 до 50 сантиметри, а упаднал и во локална градинка каде што изгребал четиригодишно девојче.

Полицијата постави замки и ги предупреди луѓето да не оставаат отворени прозорци.