Полициска станица и полициски образовен центар во родната куќа на Хитлер

Родната куќа на германскиот нацистички водач Адолф Хитлер во австриското гратче Браунау на Ин ќе биде претворена во полициска станица и образовен центар каде што идните австриски полицајци ќе бидат подучувани на темата човекови права, пренесуваат австриските и германските медиуми во четвртокот.

„Уривањето или музеј не доаѓа предвид. Полициска станица и образовен центар е соодветна намена којашто ја задоволува моралната, политичката и правната димензија на ова место“, изјави историчарот Оливер Ратхколб од стручната комисија којашто се занимаваше со прашањето на пренамената на зградата во којашто во 1889 година е роден Адолф Хитлер.

Адолф Хитлер со своето семејство таму живеел само неколку месеци по раѓањето. Зградата во центарот на местото Браунау на Ин, кое се наоѓа на самата граница со Германија, од 2017 година по долга правна битка е во сопственост на австриската држава.

 

Над 20 милиони евра за преуредување

Куќата и беше одземена на поранешната сопственичка, откако не успеаја повеќето обиди зградата да биде откупена. Национализацијата на објектот, како што тогаш беше соопштено, би требало да спречи зградата да стане култно место за собирање на неонацистите.

Со години во ова здание беше сместен социјален центар за лица со посебни потреби. На крајот од судскиот процес поранешната сопственичка, сепак, се задоволи со откупнина од 1,5 милиони евра.

Уредувањето на зградата и пренамената во полициска станица би требало да започне оваа есен и ќе биде завршено до 2025 година. Се проценува дека пренамената ќе чини најмалку 20 милиони евра. Комисијата драстичното зголемување на цената од почетно проценетите 5 милиони евра, го објасни со растот на цените во градежништвото по пандемијата на коронавирусот, како и со дополнителните градежни зафати кои ги бара една полициска станица.

 

Австрија не бега од одговорноста

Одлуката во родната куќа на Адолф Хитлер да се всели полициска станица и центар за образование на полицајците во областа на човековите права, наиде на критика од јавноста. Во едно истражување на јавното мнение повеќето испитаници попрво се заложиле во таа куќа да се формира некој вид меморијален центар кој би се соочувал со темата националсоцијализам. Четвртина од испитаниците посакувале уривање на објектот.

Комисијата го отфрли решението кое вклучува уривање, образложувајќи го тоа со стравувањето дека таквиот чин во светот би можел да биде протолкуван како „бегање на Австрија од сопствената одговорност“.

„Куќата ќе стане дом за најбројната австриска институција за заштитата на човекови права, а тоа е полицијата“, изјавил членот на комисијата Герман Феинер за австрискиот јавен сервис ORF.

 

Безбедносен аспект

Според мислењето на членовите на комисијата, решението коешто вклучува стационирање и образование на полицајците ги исполнува и условите од „безбедносен аспект“ при што се тргнува од тоа пред полициската станица нема да се собираат следбениците на нацистичкиот лидер умрен во 1945 година.

Карпата со натписот „За мир, слобода и демократија – никогаш повеќе фашизам – милионите мртви предупредуваа“, би требало да остане на истото место и по пренаменувањето на куќата.

Во минатата имаше обиди да се докаже дека Хитлер не е роден во Браунау, туку од другата страна на реката Ин во германското гратче Зимбах на Ин каде што Алојз, таткото на Хитлер, бил вработен како царински службеник. Еден германски историчар, според сопственото тврдење, пронашол докази дека Хитлер е роден во Зимбах каде што неговата мајка на својот сопруг на работното место му носела вечера.