Политички монтиран процес без преседан за кој Заев однапред ја знаеше пресудата

Премиерот Зоран Заев кажа дека ќе бидам осуден, и се јавува како нарачател на пресудата, рече меѓу другото поранешниот премиер Никола Груевски кој во случајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Тенк“ претходно седмицава доби затворска казна од две години во неговото гостување во неделата во Дневникот на ТВ Сител и даде свој коментар по однос на судската пресуда и случаите кои се водат против него.

„Како што тргнаа работите со политичкиот прогон уште пред повеќе од една година, можеби и ќе му поверував со оглед на тоа дека имавме политички монтиран случај. За пресудата во „Тенк“ не се изненадив затоа што уште од првиот ден на судењето, според тоа како судијката го водеше случајот беше јасно. Еден новинар кој со години наназад ги следи рочиштата во судовите, ми спомена во една од паузите дека уште на следење на првото рочиште се посомневал, а веќе по второто и третото одржано рочиште бил сигурен дека ќе бидам осуден, според тоа како судијката го водела случајот, рече Груевски во Дневникот во Сител.

Поранешниот премиер и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во текот на рочиштата се имало едно чувство на нееднаквост, вели од едната страна имало дрско однесување, одземање збор од страна на судијката, а на другата страна едно поданичко одесување.

„Јасно е дека станува збор за еден монтиран политички процес каков што немало во Македонија, нешто што е договорено. Самата пресуда не само што беше објавувана еден месец претходно во медиумите и самиот Заев две недели пред објавата на пресуда објави каква ќе биде таа. Тој кажа дека ќе бидам осуден. Да, сметам дека тој ја нарачал. Живееме во време кога дел од судиите се целосно заробени под контрола на власта на принцип на награда давање или казнување“, потенцираше Груевски.

Поранешниот премиерот потврди дека во блиндираниот „мерцедес“ се возел „десет до петнаесет пати на подолги патувања“ или кога другото возило било на сервис.