За помен на загинатите припадници на поранешната ЈНА положени венци цвеќе пред споменикот „Мајкино скршено крило“

Делегација на Владата предводена од Националниот координатор за воени и полициски ветерани, Стојанче Ангелов и Драган Василевски, надворешен соработник за одбрана на премиерот Зоран Заев, денеска положи венец на споменикот „Мајкино скршено крило“ на плоштадот „Слобода“.

Претставниците на Владата оддадоа почит на педесет и четворицата загинати припадници на поранешната ЈНА, кои настрадаа на просторите на поранешна Југославија за време на војната во 1991/92 година.

Армијата на РСМ исто така, организираше церемонија за полагање венци цвеќе со воени почести по повод поменот на припадниците на поранешната ЈНА, кои загинаа во војните при распадот на СФР Југославија, а потекнуваа од нашата држава.

На настанот, кој е во организација на „Здружението на воени инвалиди и загинати од Македонија 91/92“ во соработка со Националниот координатор за воени и полициски ветерани Ангелов, присуствуваа и положија цвеќе и претставници на семејствата на воените инвалиди, членови на семејствата на загинатите од воениот конфликт при распадот на СФРЈ, како и делегација на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и делегации предводени од началникот на Генералштабот на АРСМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски и од градоначалниците на Општина Центар и на Град Скопје, Саша Богдановиќ и Петре Шилегов.