Полска бара помош од ОН за добивање воени репарации од Германија

Варшава ги повика Обединетите нации да помогнат во исплата на воените репарации од Германија, изјави во вторникот за полското радио Аркадиуш Мулјарчик, заменик-министер за надворешни работи на Полска, кој е овластен претставник на владата по прашањето на воените репарации.

Претходно со исто барање Полска се обрати и во УНЕСКО и во Советот на Европа.

„Исто така, ќе испратиме изјава во ОН со барање да се интервенира во ова прашање (…) Бараме од вас да интервенирате во ова прашање, да се создаде некаква платформа за дијалог со Германија, којашто го одбива таквиот дијалог“, изјави Мулјарчик.

Претходно во вторникот Германија го отфрли најновиот повик на владата во Варшава за големите репарации за штетите нанесени од страна на германската нацистичка власт во текот на Втората светска војна, одговарајќи на дипломатската нота дека прашање е затворено, потврди во вторникот полското министерство за надворешни работи.

Полска веќе извесно време бара од Германија 6,2 трилиони злоти, или околу 1,3 трилиони американски долари како репарација за штетите во Втората светска војна. На почетокот од октомври полската влада преку Министерството за надворешни работи испрати соодветна нота во Берлин.

Германската влада, пак, постојано одговара дека нема намера да плати ништо, истакнувајќи дека е уверена дека Германија веќе платила прилично голема компензација и нема причина да се доведува во прашање одбивањето на полската репарација во 1953 година.

„Според германската влада прашањето на репарацијата и отштетите за воени загуби останува затворена и таа нема намера да влезе во преговори по ова прашање. Владата на Република Полска ќе ги продолжи своите намери за подмирување на долговите произлезени од германската агресија и окупацијата од 1939 до 1945 година“, објави во вторникот полската дипломатија.

Во текот на Втората светска војна убиени се околу шест милиони Полјаци, вклучително и три милиона полски Евреи, а полската престолнина Варшава, еден од најубавите европски градови со низа историски градби, во востанието од 1944 година е срамнета со земја, при што загинале околу 200.000 луѓе.

Сега се тврди дека во 1953 година тогашната комунистичка власт во Полска наводно под притисок на Советскиот сојуз се откажала од сите барања за воена отштета бидејќи тогашната, Источна Германија, исто така во комунистичкиот блок и разорена во сојузничките бомбардирања и советските настапувања за поразување на нацистичката власт во Берлин, требало да биде ослободена од таквиот товар и обврска.

Владејачката полска конзервативна партија Право и справедливост (PiS) смета дека тој договор е неважечки, бидејќи Полска не можела да испреговара праведен надомест. PiS ги заживеа барањата за компензација по преземањето на власта во 2015 година, истакнувајќи ги големите жртви на Полска во светската војна. Инсистирањето кон Германија, со која владата на PiS често ги мобилизира своите избирачи, ги загрози односите меѓу Варшава и Берлин.

Јарослав Качински, кој нема државна функција но е челник на PiS, во разговор за германскиот магазин Bild уште во 2020 година рече дека Полска би требало да бара репарации и од Русија, зашто во 1939 година Советскиот сојуз во договор со Германија договорил поделба на Полска во рамките на договорот Молотов-Рибентроп, што беше потврдено со откривањето на архивите во 1993 година. Тогаш, со декретот на тогашниот советски лидер етничкиот Грузиец, Јосиф Висарионович Џугашвили Сталин, во 1920-те години полски источни територии биле вклучени во територијата на претходно формираната Советска република Украина.

Качински во споменатиот разговор рече дека Русија би требало да плати отштета, но дека таа е неспоредлива со онаа од Германија „којашто е демократска и во неа владеат законот и моралот, што не може да се каже за автократската Русија“.