Полска планира да го провери квалитетот на сите пратки житарки од Украина, изјави во понеделникот заменик-министерот за земјоделство Михал Коложијчак, настојувајќи да ги смири земјоделците незадоволни од европската политика за либерализација на увозот.
Земјоделците ги блокираа патиштата и граничните премини со Украина повторно во петокот на почетокот на едномесечниот протест против политиките на Европската унија и недостигот од мерки на новата полска влада за заштита на домашното производство.
Претставниците на новата полска влада рекоа дека се свесни за предизвиците со кои се соочуваат земјоделците. Цената на помошта на ЕУ за Украина во борбата против руската инвазија не треба да ја плаќаат полските земјоделци, додаваат тие.
„Денеска ќе побарам во Полска да се проверат сите пратки со житарки коишто се увезуваат и на оние на коишто е воведено ембарго во Полска“, изјави Коложијчак за државната новинска агенција PAP.
Кога зрната пристигнуваат во Германија и проверките покажуваат дека се со лош квалитет, „во 99 отсто од случаите се враќаат во Полска, со статус на европски житарки“, а не се враќаат во Украина, истакна полскиот министер.
Земјоделците во Франција, Белгија, Португалија, Грција, Шпанија, Германија и Италија протестираат против високите трошоци и, како што велат, нелојалната конкуренција од странство. ЕУ го либерализираше увозот на земјоделски производи од Украина, со амандман кој дозволува интервенција во случај на нарушувања на пазарот, што предизвика изминатите месеци протести и на земјоделците во Романија и во Бугарија.
Незадоволството на земјоделците го предизвикаа и мерките со кои ЕУ се обидува да ги ублажи климатските промени.