Полска со нови рекорди на новозаразени и починати од коронавирусот

Полска во изминатите 24 часа забележала 6.526 новозаразени, што е рекордна бројка во еден ден, покажуваат најновите податоци на тамошното министерство за здравство.

Бројот на починатите, исто така, првпат е троцифрен од почетокот на епидемијата во Полска. Во средата се пријавени 116 смртни исходи како последица од компликации предизвикани од Covid-19.

Досега вкупно коронавирусот е потврден кај 141.804 лица во Полска, а од нив досега починале 3.217 луѓе.

Бројот на хоспитализираните се зголемил на 6.084 од 5.669 во вторникот, додека на респиратори во средата имало 467 лица наспроти 421 ден претходно, се наведува во извештајот на полското министерство за здравство.

Поради забрзаниот раст на бројот на коронаинфекциите, од сабота во Полска ќе биде задолжително носењето маски и на отворено. Покрај тоа, од четвртокот, во текот на работните денови само постарите од 60 години ќе можат да влезат во продавниците и аптектите во периодот од 10 до 12 часот.

Во вторникот владата објави дека премиерот Матеуш Моравјецки е негативен на Covid-19, но дека останува во самоизолација, имајќи предвид дека претходно бил во контакт со заразено лице.