Откако полски Лех Познањ вчера и официјално стана нов шампион на Полска, се комплетираше групата на носители, од кои македонскиот шампион Вардар ќе го очекува својот противник во второто квалификациско коло во Лигата на шампионите на ждрепката во Нион точно за две недели.
Разврската во Романија и Полска не беше многу наклонета кон црвено-црните, затоа што Таргу Муреш, кој можеше да биде неносител ја загуби битката со Стеауа за титула во последните две кола, а Јагелонија подзастана во трката во која Лех на крај победи, па со тоа, црвено-црните добија два исклучително тешки потенцијални противници. Да имаше друга разврска, наместо Стауа и Лех, ТНС и Сараево ќе беа потенцијални противници.
Вака, Вардар го очекуваат и исклучително тешки екипи, но и тимови со кои црвено-црните може да се надигруваат и се зависи од среќата во ждрепката. Од најнепосакуваните сигурно се Стеауа, Селтик, АПОЕЛ Никозија, Динамо Загреб, Лех, Макаби Тел Авив, клубови кои имаат многу поголемо искуство во настапите во Европа и играле во групите на ЛШ и ЛЕ. Од друга страна се клубови како Скендербег, Видеотон, Митјиланд, Хелсинки, Молде, Малме…, клубови со кои Вардар би имал далеку „полесна“ задача во однос на групата на непосакувани, но на крај се се сведува на два меча во кои квалитетот, борбеноста, моментната инспирација пресудува.
Ако Вардар успее да го мине второто коло, што во најмала рака ќе им обезбеди сигурни плус четири меча во Европа, во третото коло во ЛШ, покрај победниците од второто, како потенцијални противници се и екипите на Базел (Швајцарија), Салцбург (Австрија) и Викторија Плзен (Чешка), три прваци кои директно влегуваат во оваа трета рунда.
Извор: Спортмедиа