По еден месец пауза и полнење на застарените истрошени батерии еве не’ повторно во дружење, пишување и читање на нови колумни, небулози, проекции, препораки и предвидувања во се’ што е поврзано со туризмот и угостителството во светот, Европа, а посебно во нашата мила држава Македонија. Се надевам драги читатели и пријатели дека се одморивте добро, одбравте добра дестинација и убаво си поминавте, пред се здрави и живи, после двегодишното аптстинирање од можда најважната главна работа во светот (ако фудбалот е најважната споредна работа) – патувањето и престојот во некоја дестинација.
Не знам каде одбравте да го поминете летниот одмор, но едно знам дека многу ви недостигаше патувањето и доживувањето на задоволство од одморот, исто како и на вашиот колумнист.
Во последната моја колумна дадов предвидувања (за оние кои редовно ме читаат и следат), во која за жал морам повторно да кажам, а не би сакал да е така, дека повторно го предвидов лошото сценарио за нас туристичките и угостителските работници. Новиот бран не само што не дојде есента, туку и многу порано од тоа – заразени секој ден во се’ поголем број, не сакам да зборам за оние кои не се веќе меѓу нас. И минатата година на нашето последно претставување на Македонија на саемот во Белград, инаку настапите на овој саем за нашите туристички стопанственици секогаш се најинтересни и најпосетувани од аспект на близината и големиот број на српски посетители и во разговор со многу наши стопанственици кои веќе се спремаа на големо да одат на најпрестижниот саем во Берлин и останатите саеми, им укажав воопшто да не се спремаат за тоа и да не резервираат во прескапите хотели и штандови во Берлин и останатите држави, да не си ги трошат парите за џабе. Причината нормално беше затварањето на границите во целиот свет. Никој не ми веруваше и постојано ми велеа нема шанси нема да се случи тоа никогаш. Ама еве се случи и веќе година ипол трае.
Не дека Ковид кризава и заразава е нешто ново во светот. Во изминативе, ќе речам 50 години од моето постоење на земјинава топка, имало еден куп кризи и предупредувања од природата за сите нас. Од 70-те со појавата на големата сипаница или Вариола вера во бивша Југославија, преку 80-те со појавата на СИДА-та и Еболата во Африка кои подоцна се проширија низ целиот свет. Крајот на 90-те и почетокот на 2000-та појавата на САРС, Свинскиот грип, Птичјиот грип, потоа МЕРС-от (какви се’ не имиња им ставаа). И тогаш како и денеска постоеше СЗО или други здравствени коорпорации кои правеа баук од заразите, но како што денеска со Ковид кризата им успеа да ја наметнат немаа ников успех претходно. За тоа е должна големата мас медиумска акција и пред се’ социјалните мрежи, како и големите фармацевтски коорпорации и институции, кои проблемот го издигнаа на такво високо ниво и во тоа можеме слободно да кажеме им успеа страшно, што после кризата, еден ден ќе треба сите ние од при здрава свест и памет, да се лечиме од пост трауматски нервни пореметувања (може и за тоа ќе измислат некои додатни вакцини, се’ во интерес на здравјето на луѓето).
Прашањето е сега како понатаму ќе бидеме ли повторно затворени и уплашени од новиот, сите велат пострашен заразен бран.
Во моментов додека ја пишувам колумнава, во нашата држава, а и насекаде во светот, е во тек новиот четврти најсериозен бран со алармантна ситуација од ден на ден. Повторно сме на врвот на сите табели по лоша здравствена и превентивна заштитна слика. Постои огромен раздор помеѓу докторите и пациентите, докторите и владата, туристичките стопанственици и владата итн. Првите ги обвинуваат вториве дека не се придржувале кон протоколите и мерките, вториве се бранат дека се придржувале и дека они како одговорни лица заедно со владата не се способни да реагирата на време и не се грижат доволно за нивното здравје. Најголем раздор постои во моменталната поделба на ваксери и антиваксери, треба ли да се вакцинираме или не, дали е спасот во тоа? (патем јас немам никва предрасуда, од мал мене и брат ми не’ вакцинирале со сите можни вакцини, моите три деца се исто така вакцинирани, а и сега и јас и мојата сопруга и моите две возрасни деца ги примивме двете дози). Почитувани доктори, со секоја почит кон вас за секоја досегашна борба и ваша заложба, немојте да ги обвинувате младите сепак се тие млади луѓе желни за забава и патување, мора да ги сфатите нивните потреби. Повратниците од странство после две години апстиненција се желни да ги видат своите роднини, да се вратат во своите јабании со млади невести и пород, да остават некој денар или евро во нашите пазари, дуќани и ресторани. Меѓутоа и вие почитувани млади луѓе, наши печалбари и мои сограѓани, треба да се однесувате достоинствено и правилно како би се заштитиле пред се’ себеси и вашите родбини и помогнете на докторите полесно да можеме да го пребродиме и овој бран.
А, за вас почитувана влада, почитуван министер Венко и почитувана здравствена комисијо, за вас од мене имате една голема нулааааа, зошто и после година ипол од појавата и четвртиот бран, се’ уште не збунувате со вашите неусогласени информации и ставови, (се сеќаваме на секојдневните ваши пресови на почетокот на кризата и убедувања дека сте спремни и како успешно ја решававте кризата), недонесувањето на протоколите за здравствена заштита и лекување, со сила (оној што владее со сила знаете како го викаат нели?) пробувате да наметнете вакцинација на граѓаните и превземате збунувачки мерки кои ги менувате адхок од денес за утре за угостителите и туристичките агенции кои повторно први на удар се токму тие, без да слушнете каква штета носат тие за нив и за државата со која што вие управувате.
Повторно сме ставени на сите црвени листи за забрана за патување и задолжителен карантин, причината сите ја знаете, големиот пораст на заболени лица по број на жители. Од први септември и дополнителни внатрешни мерки за забрана за влез и излез од државата, а агенциите се сосема збунети како ќе ги реализираат своите однапред продадени аранжмани.
Можеби ви звучи дека со оваа колумна избегав од темата, но верувајте не е така, многу е важна оваа тема и сите мерки што се превземаат или ќе бидат превземени понатаму во светот, а пред се’ кај нас за спас на граѓаните и туристичката индустрија. Туризмот и угостителството се најпогодените сектори од оваа криза. Светската Туристичка Организација предвиде дека неколку илјади милијарди долари се штетите по авионската, хотелската, ресторанската и туристичката индустрија. За разлика од нив неколку илјадници милијарди се во пораст фармацевстката и здравствената индустрија. Ќе ја цитирам онаа наша поговорка „за да некому му се раздени, некому треба да му се стемни“ нели.
Почитувани мои читатели. Не очајувајте воопшто, брзо ќе се врати светот во нормала, а така и туризмот. Ќе се запрашате зашто? Пред некој ден, докторот Ентони Фаучи, главниот медицински советник на американскиот претседател, даде свое согледување дека кризата ќе заврши до пролета 2022 година, откако 80 проценти од населението ќе се вакцинира. Што мислите треба ли да му веруваме?
Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес