1.8 C
Skopje
вторник, декември 3, 2024

Помирувањето како предизвик

Во најавата за обезбедување парламентарно мнозинство за старт на собраниската постапка за промена на Уставот на Република Македонија, согласно договорот од Нивици, премиерот Заев повика на меѓусебно подавање рака во знак на помирување. До тука, се надевам сите го разбраа премиерот, но тој продолжи, па кажа дека е подготвен да ја преземе целокупната политичка одговорност за тој чин. За каква тоа политичка одговорност и за каков чин на национално помирување говореше премиерот?! Тоа беше толку не очекуван и не јасен пресврт во неговите ставови, така што веднаш почнаа разни толкувања на тоа што сакал да каже со пораката упатена од собраниската говорница.

Многумина порекнуваа дека упатената порака подразбира и амнестија за случувањата од 27 aприл, минатата година, дури и премиерот излезе дека не разбрал што сакал со тоа да порача, па на еден брифинг ја информираше јавноста дека амнестија не доаѓа предвид, бидејќи во таков случај против него најнапред би се завртеле неговите соработници што стоеја зад него, ако не тие, новинарите и камерманите кои беа пред него, а ако не и тие, тогаш граѓаните би се завртеле против него. На тој брифинг премиерот беше експлицитен дека воопшто не мислел и дека не станува збор за каква било амнестија и дека секој ќе одговара за стореното.

Меѓутоа, како наближуваше денот на гласање во Собранието на Република Македонија за оценка на потребата од пристапување кон измени на уставот, гледајќи дека нема потребно мнозинство од две третини од пратениците, срамежливо беше најавен нов пресврт и амнестија за ненасилните во настаните во Собранието.

Судот ја разбра пораката и ги ослободи од притвор пратениците кои цела јавност виде како ги отворија вратите на Собранието што беше вовед во насилствата од 27 aприл. Покрај ослободувањето на притворените пратеници, за да се дојде до потребниот број што би гласале за измени на Уставот, под нејасни околности беа придобиени уште неколкумина од пратениците кои имаат сериозни обвиненија и чекаат на почеток на судските процеси против нив, како и една пратеничка на чиј син судот му изрече ефективна казна затвор. На тој начин, после долго одлагање, во доцните вечерни часови и покрај не успешниот референдум за кој Собранието, владата и некои странски амбасади во земјава потрошија грдни пари, се изгласа потребата од измени на Уставот на Република Македонија.

Кусо време потоа, беше формирано и посебно собраниско тело со задача да подготови пакет мерки за помирување?!

Неколку дена пред првата седница на собраниското тело за помирување, Собранието го отфрли предлогот на ВМРО ДПМНЕ за целосно амнестирање на сите учесници во Априлските случувања, со став дека насилниците мора да одговараат за стореното.

На 28.11.2018 година, тоа тело ја одржа својата прва седница, на која членовите не можеа да ги дефинираат критериумите врз основа на кои за не насилните би се дала амнестија, а насилниците би се казниле. Тука завршува хронологијата. Веќе кога во Собранието е отфрлен предлогот за целосна амнестија, собраниското тело, во име на праведноста, за да се издвојат не насилните од насилните, најнапред ќе мора стручно да го утврди каузалитетот, односно да разграничи – кои беа причините за упадот во Собранието; кој беше поводот и кои се’ последици произлегоа од тие случувања. Длабоко сум убеден дека ниту судот, ниту обвинителството до крај не може прецизно да повлечат линија меѓу причината, поводот и последиците, а од друга страна јасно е дека собраниското тело има дефиниран политички мандат и не може да решава правен ребус.

Втората седница за подготовка на пакетот мерки за помирување треба да се одржи на 30.11.2018 godina, во петок, на која, како што е најавено, ќе присуствува и премиерот, што е аргумент повеќе за тврдењето дека се бара модалитет, како да се спакува пакет со мерки со кој ќе се реализира пазарот и ветеното пред гласањето.

Мошне интересна ситуација. Ако се оди со селективна амнестија и со политичка одлука се амнестираат не насилните пратеници што овозможија да се случи упадот во собранието, а секому му е јасно дека доколку не беа отворени вратите упадот не можеше ни да се случи, би значело дека постои ситуација од која може да произлезат неколку можни сценарија.

Едното, кое би било погубно за целокупниот правен систем во Република Македонија, е да се одржи ветувањето и селективно да се амнестираат „не насилните“, во кои би се нашле и пратениците што ги отворија вратите. Сликовито објаснето, правосудниот систем би бил урнисан, бидејќи тоа би било исто што и откажување на хардверот или софтверот на еден компјутер. Меѓутоа, на тој начин парламентарното мнозинство ќе си го задржи потребниот број пратеници што ќе ги подржат промените во Уставот.

Второто, работата на ова собраниско тело да се одолговлекува со ветување на групата пратеници кои се под сомнение за сторено кривично дело, дека ќе биде донесен таков пакет кој би се реализирал после гласањето за уставните измени во Собранието, нешто како влог за сигурен глас. Во таков случај, под прашање може да се доведе потребното мнозинство, бидејќи низ досегашното практикување на власта од сите, а особено од актуелните, од многуте ветувања останаа само убаво напишаните пред изборни програми.

Третото сценарио би било, СДСМ да го поднашминка отфрлениот предлог на закон за амнестија, доставен од страна на ВМРО ДПМНЕ кој подразбираше амнестија за сите учесници во Априлските случувања, и истиот да го понуди како свое решение и составен дел од пакетот мерки за помирување. Во таков случај, како повеќе пати до сега, позицијата сама себе ќе си скокне во стомакот, но ќе може да биде сигурна дека ќе и поминат уставните измени.

Сакам да верувам во вистинско помирување, но пристапот кон вистинското помирување никогаш не смее да биде политички и елитистички, ниту пак може да се случи со селективна правда.

За вистинско помирување нужни се економски мерки, намалување на невработеноста; подигање на животниот стандард на граѓаните; враќање на младите стручни кадри во земјата; креирање вкупен одржлив економски, перспективен амбиент во земјата; враќање на довербата на граѓаните во институциите на државата; воспоставување на ефективен и ефикасен систем на владеење на правото под еднакво за сите; гарантирање и обезбедување правна сигурност на граѓаните; борба против корупцијата и организираниот криминал; реформа на правосудниот систем; јасно разграничување и функционирање на трите власти не зависно една од друга, со еден збор потребни се реформи и генерален ремонт на целокупниот општествен, економски и политички систем во земјата. Ова особено ако се имаат предвид внатрешните, латентни стравови и не задоволства на граѓаните на Република Македонија.

Се до тогаш додека политичките елити функционираат како “рогови во вреќа” и нешто као квартет се обидуваат со зад кулисни договарања и ветувања „мудро да се решат“ од проблемите што самите ги креираат и создаваат, нашето општество ќе биде заедница на граѓани поделени по сите линии, заедница која некако се навикна перманентно, во континуитет да живее во време на политичка криза. И уште нешто, потребно е ваквата порака да ја разберат и меѓународните ликови што се декларираат како пријатели на нашата земја, а ние многу искрено сакаме да им веруваме дека тоа е баш така, како што тие велат.

Автор: Воислав Зафировски