Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека примил речиси 20.000 видеа и други докази за насилно задушување на отпорот во Иран, а иранските власти соопштија дека се уапсени „шест главни елементи“ на немирите во Техеран.
Властите во Иран вчера ги зајакнаа мерките поради протестите што ја зафатија земјата минатата недела, апсејќи „шест главни елементи“ обвинети за немири во Техеран и казнија ирански новинари во странство кои објавиле стории за нередите и задушувањето на отпорот.
Поинтензивен одговор на протестите дојде откако американскиот државен секретар Мајк Помпео рече дека Владата на САД примила речиси 20.000 пораки, видеа, фотографии и белешки од Иранци по неговиот повик минатата недела да обезбедат докази дека протестите беа насилно задушени за време на прекинот на Интернетот.
Иако интернетот, кој беше блокиран по избувнувањето на протестите, делумно е вратен, се уште не може да се пристапи до Интернет преку мобилен телефон.
Помпео, чиј апел до Иранците ги налути властите во Техеран, не прецизираше што има на материјалите што ги добил и изрази надеж дека Иранците ќе продолжат да праќаат.
Протестите започнаа мирно по ненадејната најава на Владата на 15 ноември дека ќе ги зголеми цените на бензинот за дури 200 проценти.
Промените изненадија многумина во Иран, а нивните протести брзо се претворија во насилни демонстрации во земја од 80 милиони луѓе во која постојано растат невработеноста и инфлацијата.