Американскиот државен секретар Мајк Помпео, министерот за одбрана Марк Еспер и претставници на американското разузнавање не успеаја во средата да ги убедат прaтениците на Демократската партија во Претставничкиот дом на Конгресот дека било неопходно да биде ликвидиран влијателниот ирански генерал Касем Сулејмани во Багдад што предизвика ирански одмазнички напад врз американските бази во Ирак.
Командантот на иранските специјални сили Ал Кудс, Касем Сулејмани беше убиен на 3-ти јануари во американски напад со беспилотно летало во близина на меѓународниот аеродром во Багдад, по лична наредба на претседателот Доналд Трамп. Одлуката беше донесена без согласност на Конгресот, па и без претходна информација, поради што демократите побараа да им се објаснат мотивите и причината за овој екстремен чекор. Поради тоа, Помпео, Еспер и челниците на разунавачките агенции одржаа затворен за јавноста брифинг за пратениците.
„Има многу прашања коишто останаа без одговор. Одговорот ‘верувајте ни’ мене не ме убедува… Ни беше кажано дека тој (Сулејмани) претставувал непосредна закана, но јас не сум сигурен дека ме убедија во тоа“, изјави за новинарите демократот Елиот Енгел.
Според него, обидите на претседателската администрација да го оправдаат ликвидирањето на Сулејмани врз основа на документи донесени во периодот меѓу 2001 и 2003 година, по терористичките напади од 11-ти септември 2001-та, всушност „повторно ја отвораат војната во Ирак“, со што многумина во САД не се задоволни.
Енгел изјави дека во врска со тоа, Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом следната седмица ќе одржи специјално заседание на кое ќе го покани шефот на дипломатијата Мајк Помпео, кој инаку на оваа должност дојде од директорската функција во Центрланата разузнавачка агенција (CIA).
Неговиот сопартиец Џералд Коноли го оцени брифингот на претставниците на администрацијата како „крајно неубедлив“.
„Ја воопшто не сум убеден во тие нови и неизбежни закани“, рече конгресменот, осврнувајќи се на заканите со коишто администрацијата ја објаснила елиминацијата на Сулејмани.
Наспроти нив, очекувано републиканците го поддржаа Трамп во неговата одлука, како и аргументите на членовите на неговиот кабинет. Така, конгресменот Марк Мидоуз оцени дека информациите презентирани пред пратеници биле „силни и убедливи“.
„Сметам дека треба да остави малку сомнение кај членовите (на Конгресот) дека не само што претседателот го дал вистинскиот указ, туку и за тоа дека постоела јасна закана за американските интереси и за Американците“, рече Мидоуз за новинарите.
Според републиканците, Трамп имал доволно правни основи да нареди ликвидација на Сулејмани, бидејќи претходно истите нормативи ги користел и демократскиот претседател Барак Обана за ликвидацијата на лидерот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, во Пакистан на 2-ри мај 2011 година.