САД, Кина и Јужна Кореја се едногласни во ставот дека санкциите против Северна Кореја ќе бидат укинати дури откако земјата целосно ќе се ослободи од нуклеарното оружје, изјави во четвртокот во Пекинг, американскиот државен секретар Мајк Помпео, откако претходно во средата рускиот амбасадор во Обединетите нации порача дека треба да се размислува за укинувањето на санкциите по потпишувањето на договорот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун.
По средбата со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, Помпео истакна дека Кина ја потврдила својата посветеност кон резолуциите на Советот за безбедност на ОН, со кои се воведени санкциите кон Пјонгјанг.
„Санкциите содржат и механизми за олеснување и се согласивме дека во соодветен момент ти ќе бидат земени предвид“, изјави Помпео.
Најави дека во текот на следниве седмици, САД и Северна Кореја ќе работат заедно за добивање на целосни информации за нуклеарната програма и ќе започнат да работат задно на спроведување на обврските од договорот што го постигнаа американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на средбата во Сингапур во вторникот.
Трамп и Ким на 12-ти јуни на историскиот самит во Сингапур потпишаа договор со кој Северна Кореја се обврза да изврши денуклеаризација на Корејскиот полуостров, во замена за ветување од САД дека ќе ѝ пружат безбедносни гаранции, кои се однесуваат во прв ред на актуелниот режим во Пјонгјанг.