Премиерот Зоран Заев, денеска при посета во Делчево, зборуваше и за вакцините, и истакна дека попишувачите ќе бидат дел од приоритетните групи кои ќе бидат вакцинирани.
Заев истакна дека во следните денови ќе пристигнат и други вакцини, покрај оние од АстраЗенека најавени за недела.
„Беше потврдено вчера преку Ковакс системот за вакцините на АстраЗенека. Тоа е првиот чекор на масовната имунизација. 24 илјади вакцини, се прима само една доза, што значи дека ќе бидат вакцинирани 24 илјади граѓани. Овие денови ќе стигнат и други вакцини, но не би сакал да зборувам претходно“, изјави Заев кој рече дека и покрај почетокот на масовната вакцинација, ќе мора да се почитуваат мерките.
„Да внимаваме, да ги почитуваме мерките, иако масовната вакцинација ќе почне, треба да ги почитуваме мерките, да носиме маски, да има дистанца. “, рече Заев.
Премиерот очекува граѓаните масовно да ги прифатат вакцините, затоа што се тие безбедни.
„Очекувам масовно прифаќање на вакцините. Има предност што сме во земја со задоцнување. Земјите од ЕУ почнаа пред нас, и можевме да согледаме предности и слабости. Можеме да заклучиме дека вакцините се здрави и безбедни, час поскоро кога се вакцинираме, толку поскоро ќе ја победиме оваа грозна пандемија.“.
Заев ги смести попишувачите во приориетните групи на оние кои ќе се вакцинираат.
„ Покрај здравствените работници, повозрасните и хронично болните, треба да се вакцинираат и попишувачите, а секако во приоретните групи се и полициските службеници, војската. Ќе го следиме тој процес“, изјави Заев.
24 илјади дози на вакцини се очекува да пристигнат на 28 март во недела од АстраЗенека.