Во тек е надминување на помали технички предизвици кои повремено се појавуваа претходните денови кога на терен имаше висок интензитет на попишување, соопшти денеска Државниот завод за статистика (ДЗС) откако порталот Плусинфо објави дека попишувачите денеска добиле наредба да не излегуваат за да попишуваат.
„Сите внесени податоци се успешно процесирани во системот, а техничките усогласувања се прават со цел процесот да продолжи со несмален интензитет. Досегашната динамика на попишувањето на терен е гаранција дека заклучно со 30 септември успешно ќе бидат попишани населението, домаќинствата и становите на територијата на целата земја“, соопшти ДЗС додавајќи дека за четири дена се попишани повеќе од 200.000 граѓани и дека во тек се технички усогласувања за да се задржи високиот интензитет на попишување.
Од Заводот велат дека пописот на населението, домаќинствата и становите, кој започна да се спроведува на цела територија на Северна Македонија на 5 септември, се одвива со голема поддршка и интерес од граѓаните за што е потврда големата бројка на попишани граѓани.
Државниот завод за статистика изразува благодарност до сите граѓани кои свесни за важноста од спроведување на оваа најобемна статистичка операција, се конструктивен партнер во процесот.