Попоски: Проблем можат да бидат обврските кои ќе ни бидат наметнати со договорот

Разликата меѓу декларацијата од 1999 г. и посакуваниот договор од бугарска страна кој евентуално би се потпишувал во 2017 г, е што декларацијата е необврзувачка, изјави поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски во Отвореното студио на ТВ Нова посветено на договорот за добрососедство со Бугарија.

„Декларацијата е необврзувачка, ние сме декларирале, сме изјавиле некакви принципи за соработка. Во овој договор има таква можност, доколку биде склучен, да имаме листа на барања кои ќе треба да ги испорачуваме во следниот период“ рече Попоски.

Попоски смета дека е помал проблем самиот договор, многу поголем проблем се обврските кои ќе произлезат од тој договор.

„Доколку тој не е напишан на начин којшто ќе ни даде комоција, тоа значи дека во следниот временски период, Бугарија точно, или било која влада во Бугарија или било кој функционер во Бугарија, ќе може да ни поставува непринципиелни услови за отворање на прво поглавје, второ поглавје, трето итн.“, додаде Попоски.

Попоски рече дека не може да го изедначи непризнавањето на македонскиот јазик со барање за поголемо добрососедство.

„Во 2017 година некому да му кажете дека не може да има јазик или дека неговиот јазик е само уставна категорија, односно го толкуваме дека е бугарски, но бидејќи ние сме напишале во Уставот дека е македонски, еве нека ви биде македонски, е многу чудно, да не речам неприфатливо“, истакна поранешниот министер за надворешни работи

Потенцираше дека има бројни земји од поранешна Југославија кои се разделија, кои некогаш говореле ист јазик, кои денес говорат сосем различни јазици, и ниту една од нив нема ваков тип на спор.

„Нашиот случај е кристално чист, со тоа што македонскиот јазик е квалифициран многу порано, во 1940-те години, е еден од трите официјални јазици на поранешната федерација Југославија, а на конвенција на Обединетите нации во 1977 година, која замислете, е одржана во Атина, е препознат како официјален јазик, македонски јазик“, рече Попоски.

Според Попоски, тоа постои во институционалната меморија на Обединетите нации и смешно е 40 години подоцна, да имаме ваква дискусија.

„Некој да го оспорува тоа преку договор, тоа е во најмала рака неприфатливо. Не можам да ставам знак на равенство помеѓу непризнавање, фактичко, на постоење на јазик и барање за поголемо добрососедство и поголема соработка“, заклучи Попоски.