Попоски: Владиниот „меден месец” заврши, препораките од извештаот на Прибе останаа

Националниот совет за европски интеграции при Собранието на Република Македониа денеска одржа седница на којашто беше конституиран новиот состав. Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Бујар Османи ги претстави остварените мерки во изминатите три месеци. Амбасадорот на делегацијата на Европската унија во Република Македонија, Самуел Жбогар ги нагласи очекувањата за постигнување на најширок можен консензус по однос на реформите кои се неопходни за членство во ЕУ.

Претседателот на Советот, порашнешниот шеф на македонската дипломатија Никола Попоски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, констатираше дека практиките од првите сто дена Влада е корисно да се напуштат во пресрет на реформите за кои е неопходен национален консензус.

„Владиниот ‘меден месец’ заврши, препораките од извештајот на Прибе останаа. ЕУ ни наметнува потреба од отворен дијалог дома, длабински реформи со најширока поддршка и реална примена на правилата. Протрчување без издржана дебата не е добро ни за државата ни за тоа што го промовира таквиот пристап. Владата не може да сонува за мандат без контролни механизми, а опозицијата е тука да поддржи добри решенија за најбрз почеток на преговорите за членство”, истакна Попоски.