По повод прославатa на националниот ден на Власите-23 мај, во организација на лигата на Власите беше организирана свечена академија на која се обрати Министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
Министерот Попоски пред присутните истакна дека ова е многу важен датум за Власите во манифестирањето на националната свест и негување на минатото а истовремено и поглед кон иднината за потребата од обезбедување на етничкиот континуитет.
“Власите низ историјата се покажале како лојални граѓани во земјите каде што живеат на Балканот и пошироко. Во Македонија континуирано придонесуваат и учествуваат во градењето на нашето општество демонстрирајќи врвна активност на сите полиња”, посочи министерот Попоски.
На членовите на Влашката заедница, министерот Попоски им посака понатамошно негување на традициите, обичаите, јазикот и идентитетот кој македонската држава го обезбедува и гарантира преку највисокиот правен акт-Уставот.
„Македонија предничи во однос на своите соседи кога станува збор за негување на правата на заедниците и употребата на јазиците-тоа ја прави нашата земја побогата во согласност со вистинските европски вредности”, заклучи министерот Попоски.