Американската технолошка корпорација „Google“ ја прекинува деловната соработка со кинеската компанија „Huawei“, откако оваа беше ставена на „црната листа“ на владата на САД, пишува во неделата агенцијата Reuters повикувајќи се на извор запознаен со ситуацијата.
За кинеската компанија ќе биде ограничен пристапот до технологиите и софтверските решенија на „Google“. Тоа значи дека уредите на „Huawei“ нема да може да ги добиваат ажурирањата на оперативниот систем Android. Покрај тоа, сопствениците на овие паметни телефони ќе го изгубат пристапот и до апликациите на американската компанија, како што се Google Play и Gmail.
Истовремено се истакнува дека за уредите на кинеската компанија, сепак, ќе биде достапна верзијата на споменатиот оперативен систем Android со отворен код, до која достапот се слободен.
Скандалот околу „Huawei“ се разгоре откако американската Централна разузнавачка агенција (CIA) ја обвини кинеската корпорација дека е спонзорирана од властите во Пекинг. Претходно САД и Австралија го обвинија „Huawei“ за наводна технолошка шпионажа и собирање тајни податоци со помош на телекомуникациската опрема којашто ја изработува концернот. Американските официјални претставници повеќепати во последниот период ги предупредуваат и ги повикуваат своите европски сојуници да го забранат учеството на кинеските компани во развојот во Европа на новото поколение на мобилните мрежи – 5G.
Американското Министерство за трговија има намера да ги стави „Huawei“ и нејзините 70 различни сектори на „црната листа“ поради „активности спротивни на националната безбедност на САД“. Компанијата одговори дека е подготвена да склучи договор со низа земји, вклучително и со Велика Британија, за спречување на шпионажа, со што би му било овоможено да учествува на тендери за склучување договори поврзани со развојот на 5G мрежите.
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата потпиша указ со кој се објавува „вонредна состојба на национално ниво“ во врска со заканите за информатичката технологија. На министерот за трговија му е наложено да ги поништи зделките коишто претставуваат „неприфатлив ризик за безбедноста на САД или за безбедноста на американските граѓани“.