Поради длабоката политичка криза во која се наоѓа Албанија, денеска во Тирана ќе допатува седумчлена делегација на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.
Пред заминувањето за Тирана, шефот на делегацијата, европратеникот Туне Келам, побара од владата и опозицијата да ја решат оваа ситуација преку конструктивен дијалог.
„Силно ја осудуваме политичката реторика која поттикнува насилство и бараме опозицијата повторно да се вклучи во парламентарниот живот. Владата и опозицијата мора да ја надминат оваа ситуација преку конструктивен дијалог“, изјави Келам.
Делегацијата се очекува да се сретне со акбанскиот претседател Илир Мета, премиерот Еди Рама и лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша.
Членовите на делегацијата најавија прес-конференција за резултатите од посетата за утре, за кога опозицијата закажа нов антивладин протест.
Доаѓањето на делегацјата на ЕП, го коментраше амбасадорот на Мисијата на Европската унија во Албанија, Луиџи Сореца, според кого, посетата е потврда дека парламентот е место за дискусија.
„Оваа посета не е случајност, туку потврда дека место за дискусија меѓу опозицијата и владата е парламентот. Во четврток наутро ќе имаат прес-конференција и се надеваме дека ќе имаме позитивни сигнали“, нагласи Сореца.
Додаде дека европратениците одиграле значајна улога и во минатото, најавувајќи дека тие ќе ги слушнат двете страни и ќе донесат оценка за одлуката во јуни.
Според албанските медиуми, по Тирана, седуметмина европратеници ќе отпатуваат за Скопје.