Поради поплави од обилните дождови жителите побегнаа од Сиднеј

Големи области на најголемиот австралиски град Сиднеј во неделата се најдоа под вода поради обилните врнежи кои во пониските подрачја предизвикале големи поплави, а во некои предградија нивото на водата достигна 1,5 метри.

Службата за итни случаи на австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс препорача евакуација на населението од неколку подрачја, предупредувајќи дека дождот нема да престане барем до понеделникот.

Медиумите пренесуваат дека на подрачјето на Сиднеј од почетокот на месецот веќе наврнале четири пати повеќе дожд, отколку што вообичаено наврнуваат во целиот јули.

Австралиската метеоролошка служба предупреди дека нивото на водата во регионот може да порасне барем толку колку што изнесувало во март, кога големи делови од истите подрачја од градот доживеаја сериозни поплави. Наведуваат дека водата преку браната Варагамба веќе се прелеала.

Метеорологот Џонатан Хоу, за телевизијата ABC News изјави дека во селото Менангле, околу 70 километри југозападно од Сиднеј, нивото на реката веќе достигнало 16,5 метри, што е малку под рекордот од 16,8 метри достигнато во април 2022 година.