Тројца Французи се осудени во неделата на смртна казна поради припадност на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (ИД), изјавил за AFP судија од судот во Багдад кој учествувал во носењето на одлуката.
Станува збор за Кевин Гоно, Леонар Лопез и Салим Машу, кои во Сирија биле заробени од силите на арапско-курдската коалиција која се бори против џихадистичката Исламска држава, пред во февруари годинава со уште девет нивни сонародници да бидат префрлени во Ирак.
„Осудени се на смртна казна бидејќи е докажано дека биле припадници на терористичката групација Исламска држава“, рекол претставникот на судот кој барал да остане анонимен бидејќи не бил овластен за давање изјави за медиумите.
Во согласност со ирачкиот закон, со кој смртната казна е предвидена за сите оние кои ќе се приклучат на терористичка организација без разлика на тоа дали учествувале во борбени дејствија или не, тројцата осудени сега имаат 30 дена рок да поднесат жалба на пресудата.
„Францускиот државјанин го осудија само врз основа на серија испитувања спроведени во багдадските затвори. Министерството за надворешни работи ни гарантираше дека сите Французи, ќе имаат право на чесно судење, дури и во Ирак“, рекол за AFP адвокатот на еден од осудените, Ме Набил Буди.
Активистите ангажирани за заштита на човековите права ја осудиле „реалната опасност од мачење“, и додале дека „нема гаранции дека судењата ќе бидат праведни“.
Досега тројца француски државјани се осудени поради пристапување на Исламската држава во Ирак.
Сите тројца се осудени на доживотен затовр. А пресудите изречени во неделата може повторно да ја отворат дебатата за проблематичното прашање на враќањето на џихадистите во земјите од кои потекнуваат.
Франција повеќепати досега порача дека нема да го исполни барањето на американскиот претседател Доналд Трамп до европските сојузници да ги прифатат назад исламистичките борци од Сирија, туку тоа ќе го прави од случај до случај. Трамп побара од Франција, Велика Британија, европските земји со најголем број борци во џихадистичките редови, да преземат повеќе од 800 заробени борци и да им судат.
Курдските сили во Сирија во заробеништво држат околу 150 француски државјани, меѓу кои 50 се возрасни. Политиката на француските власти е категоричното одбивање на враќање на џихадистите и нивните семејства од боиштата на Блискиот исток. Министерот за надворешни работи Жан-Ив Ледријан ги опишува како „непријатели“ на нацијата кои би требало да бидат изведени пред судовите во Сирија и во Ирак.