Поради протестите, затворен граничниот премин помеѓу Ирак и Иран

Граничниот премин помеѓу Ирак и Иран, преку кој овој месец треба да поминат стотици илјади шиитски верници на годишниот аџилак, е затворен поради немирите во Ирак, јави денеска иранската државна телевизија.

Официјален ирански претставник изјави дека преминот Кошрави е затворен, но дека пред аџилакот ќе биде отворен друг премин во јужниот ирачки град Кербала.

Се очекува околу три милиони ирански аџии да го посетат Кербала во религиозниот обред арбаин, со кој се одбележува крајот на 40-дневната жалост за внукот на пророкот Мохамед.

Во протестите во текот на ноќта во два града на јужниот дел од Ирак се убиени 11 лица, меѓу кои и еден полицаец, а демонстрациите и судирите со полицијата продолжуваат и во главниот град Багдад и покрај тоа што е воведен полициски час.

Од вторникот, кога во Ирак почнаа антивладините протести, во судирите меѓу безбедносните сили и демонстрантите загинаа најмалку 19 луѓе.