Поради случајот „Рекет“ обвинителката води војна против мене, смета Камчев

Ниту поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, ниту бизнисменот Орце Камчев не се чувствуваат виновни за случајот „Плацевите на Водно“ за којшто ги гони Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Мијалков рече дека е апсолутно невин, а вина не признаа ниту обвинетите Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ и Ратка Куновска Камчева.

Според Камчев, обвинителниот акт против него и неговата мајка е монтиран и тврди дека го гонат заради случајот „Рекет“ кој се водеше против поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева и Бојан Јовановски, во којшто Камчев беше клучен сведок.

Предметот го води судијата Илија Трпков, а обвинител во случајот е Лиле Стефанова.

„Самиот факт дека е направен груб фалсификат од страна на обвинителот и манипулација кон судиите што го оценувале обвинителниот акт е уште еден доказ дека војната што обвинителството т.е. дотичната обвинителка ја води против мене заради предметот „Рекет“ добро познат на јавноста, но сега со уште пожестоко темпо со обвинение на една страница и две реченици за кое шест месеци сум во притвор. За обвинение во кое што дејството кое ми се препишува мене и мојата мајка е изведено после изјавата на првоoбвинетиот во случајов Никола Груевски и тоа по цели четири месеци. Овој обвинителен акт е толку конфузен и спакуван што би се засрамил и студент на Правниот факултет да го прочита во дејствијата во вториот дел кои се однесуваат за фирмата „Орка Холдинг“ за мене и за мојата мајка“, рече Камчев во дел од неговиот воведен говор.

Кривичниот суд одлучи на поранешниот премиер Никола Груевски да му се суди во отсуство. Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“.

Неговиот кум Новачевски, бизнисмените Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.