Поради војната во Украина германскиот извоз на оружје надмина 8 милијарди евра во 2022-ра

Германската влада годинава одобрила извоз на оружје во вредност од најмалку 8,35 милијарди долари, што е најголемиот извоз во историјата на земјата.

Повеќе од четвртина од тоа оружје и воени опрема испорачани од 1-ви јануари до 22-ри декември е испратена во Украина во војната против Русија.

Коалициската влада која дојде на власт во 2021 година, на трите партии кои традиционално се декларираат како пацифистички но во чии мандати изминатите децении Германија учествуваше во неколку меѓународни и НАТО борбени мисии, инаку вети дека ќе го намали извозот на оружје. Исто така ја критикуваше владата на поранешната канцеларка Ангела Меркел за наводно одобрување извоз на германско оружје во земји во кои има воени дејствија, но сега под изговор за војната во Украина ги прекрши ветувањата, испраќајќи и продавајќи оружје и за оваа земја и на сојузниците кои му го испорачуваат на Киев.

Прекинувајќи ги принципите кои на сила беа со децении, канцеларот Олаф Шолц од Социјалдемократската партија на Германија (SPD), најави укинување на забраната за извоз на оружје во воените зони, како и обука на украинската војска на германска територија, што според германските уставни стручњаци значи прекршување и директно учество во конфликт.

Од укинувањето на забраната на Украина ѝ се одобрени испораки на оружје во вредност од 2,24 милијарди евра, вклучително тенкови, самоодни хаубици, повеќецевни ракетни лансери и сiстеми за противвоздушна одбрана IRIS-T.

Но дури и без Украина, владата во Берлин годинава одобрила извоз на оружје во износ од повеќе од шест милијарди евра. За споредба, во 16-те години од владеењето на демохристијаните на Ангела Меркел, границата од шест милијарди евра била надмината само пет пати.