![bil klinton](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/07/bil-klinton.jpg?resize=640%2C374&ssl=1)
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон е хоспитализиран во Калифорнија поради сомнеж за инфекција на крвта.
Си-ен-ен јави дека 75-годишниот Клинтон е сместен на одделот за интензивна нега. Неговата состојба не е поврзана со претходните проблеми со срцето или ковид-19.
„Станува збор за инфекција на уринарниот тракт која се проширила на неговиот крвоток“, изјавија лекари за Си-ен-ен.
На интензивна е примен за да се надгледува состојбата и да се применат соодветни лекови, порачаа од медицинскиот центар Ирвајн каде што е сместен Клинтон. Тие истакнаа дека не е на интензивна нега бидејќи тоа го бара неговата состојба, туку поради приватност и безбедност.
Во болница ќе остане на неодредено време.
„Во вторникот вечерта поранешниот претседател Бил Клинтон е примен во Медицинскиот центар УЦИ за лекување на инфекција која не е ковид“, објави претходно неговиот портпарол на Твитер.
„Заздравува, расположен е и благодарен им е на лекарите, медицинските сестри и персоналот кои му пружија извонредна нега“, додаде тој.