Поранешниот германски канцелар се повлече од рускиот нафтен гигант

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер и Матијас Варниг, извршен директор на гасоводот Северен тек 2, се повлекуваат од своите позиции во бордот на рускиот нафтен гигант Роснефт, објави компанијата во петокот.

Двајцата директори рекоа дека не можат да ги задржат своите позиции, се вели во соопштението на компанијата, додавајќи дека нејзиното раководство „ја донело нивната одлука со разбирање“.

Двајцата дадоа „стратешка визија, огромно практично искуство и длабокото разбирање на проблемите на меѓународниот пазар“ додека беа членови на одборот и дадоа значаен придонес „за спроведување на големи инфраструктурни проекти во Русија и Германија“ што ја направи германската економијата поефикасна, а германските граѓани попросперитетни, се вели во соопштението.

Во четвртокот, Европскиот парламент усвои резолуција со која се бара да се воведат лични санкции против Шредер поради неговите врски со Русија. Во неговата родна земја, тој беше лишен од некои привилегии што неговата поранешна канцеларија му ги даде по пензионирањето, иако германската влада експлицитно не ги спомна неговите врски со Русија кога ја објави својата одлука.

Шредер беше гласен поборник за создавање поблиски врски меѓу Германија и Русија и се приклучи на неколку енергетски проекти по напуштањето на политиката, вклучувајќи го и мошне дебатираниот гасовод Северен тек 2. Критичарите го обвинуваат дека е купен од руската влада за да ги унапреди нејзините интереси. Поранешниот канцелар се приклучи на бордот на Роснефт во 2017 година.

Варниг, поранешен германски службеник за домашна безбедност, ја започна својата деловна кариера во банкарството во 1990-тите и има широки врски во Русија. Неговите интереси подоцна се проширија и во енергетскиот и металниот сектор, вклучувајќи го и „Северен тек 2“, каде што работи како извршен директор. Тој се приклучи на одборот на Роснефт во 2011 година.