Во средата, Европската комисија ѝ додели на онлајн платформата за возрасни Xnxx статус на голема онлајн платформа (VLOP), што значи дека ќе мора да ги исполни најстрогите барања според Законот за дигитални услуги.
Xnxx е четвртата платформа која нуди содржина за возрасни којашто доби VLOP статус. Во декември минатата година овој статус го добија Pornhub, Stripchat и Xvideos.
Сите платформи со просечни над 45 милиони месечни корисници во Европската унија имаат статус на VLOP. Со денешната одлука вкупниот број на платформи со VLOP статус достигна 25.
Откако Комисијата ќе назначи платформа како VLOP, конкретната интернет услуга има четири месеци да се усогласи со Законот за дигитални услуги. Доделувањето на овој статус активира посебни правила за справување со специфичните ризици што таквите услуги од големи размери ги претставуваат за Европејците и општеството во однос на нелегалната содржина и нивното влијание врз основните права, јавната безбедност и благосостојбата.
По денешната одлука, Xnxx ќе мора да ги почитува најстрогите правила од Законот за дигитални услуги во рок од четири месеци, односно до средината на ноември 2024 година.
Таквите обврски вклучуваат усвојување посебни мерки за зајакнување и заштита на корисниците на интернет, спречување на малолетниците да пристапат до порнографска содржина на интернет, вклучително и користење алатки за проверка на возраста, обезбедување на истражувачите пристап до јавно достапни податоци и објавување репозиториум за реклами.
Xnxx, исто така, мора соодветно да ги процени и ублажи сите системски ризици кои произлегуваат од неговите услуги, како што се ризиците поврзани со ширењето на нелегална содржина или негативните ефекти врз менталната и физичката благосостојба на корисниците. Платформата мора да го поднесе својот прв извештај за проценка на ризик до средината на ноември 2024 година.