Порторико два дена без струја по разорниот земјотрес

Само незначителен број од жителите на Порторико втор ден по ред имаат достап до електрична енергија по најголемиот земјотрес во еден век кој го погоди островот и во кој е уништена најголемата електрична централа во земјата, многу домови и загина најмалку едно лице.

Училиштата во Порторико беа затворени и во средата. Сите јавни службеници, освен полицијата и здравствените работници, останаа дома, додека инженерите ја проверуваат безбедноста на објектите откако оваа островска земја во вторникот беше погодена од земјотрес со магнитуда од 6,4 степени по Рихтер.

Некои од Порториканците во тешко погодените јужни делови на островот ноќта кон средата ги изнесоа креветите од домовите и преспиваа на отворено, стравувајќи дека нивните домови ќе се урнат доколку следи силен афтершок, соопшти на прес-конференција гувернерката Ванда Васкез, која стана гувернерка во август откако демонстрантите го принудија претходниот гувернер Рикардо Росел да отстапи од должноста.

Повеќе од три милиона луѓе останале без струја, а ноќта кон средата само 100.000 луѓе имале пристап до електрична енергија, објави операторот АЕЕ.

Околу 750 луѓе преноќиле во засолништа во градовите на југот од земјата, кои се инаку најтешко погодени од потресите, соопшти порториканската влада.

Порторико инаку сѐ уште закрепнува од девастирачкиот ураган од 2017 година, кој уби околу 3.000 луѓе и уништи значителен дел од инфраструктурата ширум островот.